Гастро-патрола за време на Ковид-19
Поминаа три и пол месеци од нашата последна гастро-патрола во околности во кои сите бевме опуштени, релаксирани и едвај ја чекавме пролетта во сите свои бои, во сета своја раскош, во сите свои мириси... кога по долгата зима, среќни и весели, ќе излеземе од дома, да се видиме со пријателите, со блиските, со роднините, и тоа некаде надвор, во кафеана, на добро јадење и убава музика, на кафе, на пијачка, на муабет, на забава...
Но, ваквото задоволство ни го попречи т.н. невидлив непријател - коронавирусот. Се појави и буквално, како и во целиот свет, ни одзеде сè, и тоа такаречи прекуноќ. Прекина нормалното функционирање, сите обврски ги ставивме на чекање, сите зацртани планови ги замрзнавме, се затворивме дома и секој ден ги чекавме вестите за новозаразени и, за жал, починати. Оваа здравствена криза ни го украде секојдневието, ни ги разниша животите и ни ги наруши социјалните дружења. Се затворија и кафеаните. Замре секојдневниот џагор, а со тоа и насмеаните лица во нив.
А ние не би биле она што сме ако не ве информираме од прва рака како е по олабавувањето на мерките, односно по отворањето на кафеаните, но сепак во услови на Ковид-19. За вас, драги наши, направивме една т.н. ковид-патрола да ја видиме и да ви ја пренесеме атмосферата од кафеаните во метрополата и да ви посочиме дека мерките и протоколите се почитуваат секаде, реорганизирано е седењето, односно масите се на препорачаната дистанца и според дозволениот број на гости што може да седат, сите здравствени и хигиенски препораки се воведени и се почитуваат, вработените носат заштитни маски на лицето, средства за дезинфекција има на секоја маса, приготвувањето на храната, како и послужувањето и наплаќањето е исто така според уредбите од Владата и сосема е безбедно од секој аспект да се отиде во кафеана и да се избега малку од лудилово што нè снајде.
Секако, и ние како гости треба да ги почитуваме редот и мерките што се наложуваат при посета на кафеана, ресторан, гостилница, меана... Сите ние сме свесни суштества, ги знаеме последиците од непридржувањето до нив - ризик и штета за нас, за нашето семејство и најпосле за општеството како целина во кое ние живееме и дејствуваме. Затоа, да си помогнеме сами на себе, да ги избегнуваме ризиците и да почитуваме она што значи колективна заштита, а со тоа ќе им помогнеме и на кафеџиите и што побргу да се вратиме на преткорона живеењето.
Еве, и од нас една препорака, со оглед дека изминатиов период се дружевме преку многу успешни гастро-приказни, ви презентиравме, ви посочувавме, ви опишувавме, ви доловуваме разни атмосфери, амбиенти, специјалитети и сè што е поврзано со кафеаните и животот во нив, па си земаме право да ви кажеме дека доста беше седење затворени дома, одете и уживајте, забавувајте се, јадете, пијте... сопствениците максимално направиле сè за вас да сте безбедни од здравствен аспект, но, ве молиме, и вие бидете претпазливи и почитувајте ги препораките, сепак, се работи за здравјето и животот.
И покрај сè, се надеваме на успешна летна сезона исполнета со позитивни вибрации, полни кафеани, богати трпези, распеани и задоволни гости, насмеани вработени...
За крај, бидете позитивни и останете негативни!