Врвно уживање со вината Tikveš Châteaux & Domainеs
Винарската визба „Тиквеш“ ги издвои своите премиум вински линии во посебна бренд-платформа – „Tikveš Châteaux & Domainеs“ која обединува бутик винарници лоцирани на специфични и уникатни микролокации. Заедничка одлика на сите вина од оваа платформа е тоа што тие се произведени од строго контролирани лозови насади каде климатските услови, водата, ветерот и почвата се во совршен баланс кој е идеален за производство на префинети „тероар“ вина со извонреден квалитет. Овие вина се со заштитено географско потекло, се произведуваат во ограничени количини и со својот карактер ги отсликуваат дистинктивните карактеристики на локалитетот од кој потекнуваат.
„Tikveš Châteaux & Domainеs“ во своето портфолио ги вклучува интернационално признаените вински брендови Барово, Бела Вода и Лепово, како и вината произведени во француската винарница „Château de Gourdon“ која од неодамна е дел од „Тиквеш“.
Изборот на микролокациите на кои се наоѓаат лозовите насади е направен со поддршка на светски етаблираниот вински консултант Филип Камби, а преку селекција на најдоброто грозје енолошкиот тим на „Тиквеш“ ја демонстрира целата своја вештина во креирање на врвни вина. Мноштвото награди што овие префинети вина постојано ги добиваат се доказ за вештината и страста вложени во нив.
Специфичните клима и почва на поседот Бела Вода овозможуваат во вината произведени од грозјето одгледано на овие лозја да се развијат разновидни и богати ароми. Раскошната убавина и многуте климатски поволности се основата за создавање на софистицирани вина, признаени од светски познати вински критичари, како што е Роберт Паркер и тимот на „The Wine Advocate“. Тие го оценија црвеното вино „Bela Voda 2012“ со високи 95 поени од можни 100, што е највисока оценка некогаш освоена од вино што потекнува од овие простори.
Не заостанува ниту Барово по својата уникатност и успех. Вината произведени од грозјето одгледано на локација што се наоѓа на надморска височина од 600 до 700 метри се одликуваат со свежина и живост како резултат на големите дневни температурни осцилации присутни особено во периодот на зреење на грозјето. Вината од Барово се носители на врвни награди ширум светот, па така на британскиот „Decanter 2018“ црвеното вино „Barovo“ од бербата 2015-та беше наградено со платинест медал кој на специјална оценувачка сесија се доделува само на исклучителните вина – добитници на златни медали.
На локалитетот Лепово природата е вистински наклонета за одгледување грозје. Локалитетот е сместен на само неколку километри од реката Вардар, што овозможува лозјата да се изложени на постојан благ, топол ветар Повардарец, кој го носи влијанието на Медитеранот и овозможува лозовите насади да бидат во совршена здравствена состојба, а грозјето со висок, константен квалитет. Под овој бренд се произведуваат „Domaine Lepovo Chardonnay“, „Domaine Lepovo Rosé“, „Domaine Lepovo Pinot Noir“ и „Domaine Lepovo Grand Cuvée“.
Поседот „Château de Gourdon“ е сместен во јужниот дел од долината на реката Рона во Франција. Првите лозови насади на оваа локација биле подигнати уште во 1870 година, а денес се простираат на 50 хектари, во ридест предел. Ветерот мистрал, кој често е присутен, како и песокливата почва овозможуваат грозјето одгледано на лозовите насади на „Château de Gourdon“ да биде со висок квалитет во текот на секоја берба. Ваквите услови во комбинација со експертизата на енолозите на „Тиквеш“ резултираа со награди и за овие вина, па така на есенското оценување на најголемиот вински натпревар во Германија – „Mundus Vini 2019“, црвеното вино „Vase de Pierre 2017“ освои златен медал.
Неодамна, вината „Tikveš Châteaux & Domaines“ имаше можност да ги дегустира и познатиот независен вински критичар Џеб Данак (Jeb Dunnuck), кој произлегува од тимот на „The Wine Advocate“. Притоа, шест вина добија над 90 поени, оценки што традиционално се резервирани за премиум вина од најпознатите вински региони во светот. Највисока оценка доби црвеното „Bela Voda 2016“ со освоени 93 поени. Со ова се потврдува не само врвниот квалитет на сите вина што се дел од оваа бренд-платформа, туку и конзистентноста на високиот квалитет.
Вината „Tikveš Châteaux & Domaines“ се достапни во сите ресторани каде се посветува особено внимание на правилното комбинирање на храната и виното со цел да се издигне целокупното доживување на повисоко ниво. Правилно избраната комбинација на храна и вино овозможува дополнително уживање во различните сорти, како во оние што се типични за нашето поднебје, така и во сортите што се карактеристични за Франција и помалку познати кај нас, но подеднакво интересни за откривање.