Чувство на среќа, радост и ведро расположение измешано со гастрономско задоволство
Следејќи ја препораката трипати во неделата на менито да имаме риба и морски плодови, пред сè, поради здравствените придобивки – изобилство протеини, омега 3-масни киселини, како и минерали и витамини, тогаш и овој пат, за вас, драги наши љубители на убаво приготвена морска храна, го посетивме Фиш ресторанот, кој се наоѓа непосредно до реката Вардар, во близина на центарот на Скопје, кој е втор по ред од долгогодишната приказна Биг фиш во Аеродром.
Во Фиш ресторанот и ќе јадете и ќе уживате независно каде ќе изберете да седнете затоа што нуди две нивоа, од кои подрумскиот простор е пространа винарница со камин во централниот дел, а има и прекрасна тераса и совршено хортикултурно среден голем двор со фонтана, што само ќе ви го надополни задоволството - и гастрономското и чувството на среќа, радост, ведрина и расположение... Е, тоа е добитна комбинација за добро и квалитетно потрошено време, без чувство на каење дека седите и јадете надвор од домот.
Бидејќи сè уште е зима, а отидивме доцна попладне, седнавме блиску до каминот и веќе топлите пламени јазици нè разнежнија и ни ја стоплија душата. Ни го донесоа менито и веднаш погледот ни запре на една салата со необично име – сан-драј (рукола, сушен домат, моцарела, шери-домати, потпечено сирење и оревчиња). Комбинацијата одлична, вкусот перфектен!
Предјадењето типично морско, па нели сме во морски ресторан! Таљатели со ракчиња. Нема посебен опис на оваа паста. Сочна, со прекрасен мирис и неповторлив вкус.
Што од феноменалната атмосфера што од преубавиот вкус на храната се опуштивме доволно за да нарачаме и главно јадење.
Лаврак (бранцин) е нашиот избор. Нема да погрешите што и да нарачате од морска риба. Свежа, подготвена на совршен начин. За промена, ја нарачавме отворена, на скара, сервирана само со лимон. И немаше потреба од друг прилог за да го почувстуваме тој вистински вкус на морска риба приготвена на мајсторски начин. Во неа уживавме со бело сортно вино на „Бовин“.
Десертот два муса – црн и бел. Црниот од чоколадо, а белиот од лешник. Не можеш да заземеш страна - и двата фантазија.
Го напуштаме ресторанот задоволни од севкупниот третман, но си ветивме дека ќе дојдеме набргу за да седнеме надвор во градината и секако да пробаме уште нешто од богатото морско мени. Таа е совршено место за релаксација во кој било период од денот и вечерта. Пролетта е на прагот, почнува сезоната за гурмански задоволства на отворено. Ова е идеалното место за такво нешто. Кој и да ви е поводот, па и без него, дојдете и уверете се.