Градска кафеана која пулсира секој миг
Кога сакаш да го почувствуваш Скопје, ама баш во вистинска смисла на зборот, и притоа да сретнеш многумина од познатите боемски лица во градот – познати доктори, уметници, писатели, актери, трговци... задолжително патот мора да те однесе во „Идадија М“, градска кафеана, сместена во Дебар Маало, која веќе девет децении е дел од традицијата, а со тоа и од историјата на Скопје. Овде Скопје пулсира секој ден, секој час, секоја минута... Во ова т.н. градско собиралиште кога и да појдеш, ќе најдеш некого со кого можеш да седнеш и да размените мислења како за секојдневните случувања така и за конкретни проблеми, но не изостануваат ни градските озборувања, кои се дел од нашето живеење!
Гастро-патролата се упати токму тука – „Идадија М“. Пречекот беше поинаков од секаде до сега – греена ракија за добар ден! Баш домаќински! Наздравивме и денот веќе тргна на добро. Ни донесоа топло предјадење – тавиче во фурна (пиперка, домат, кромид во маслиново масло, печено сирење и топен кашкавал на жар и тиквички на жар во доматен сос со лук и рендано сирење. Подготвени во земјени тавчиња, со опоен мешан мирис, кој ви ги мами сите сетила, па и најпребирливите се задоволни од вкусот на ова мезе.
Но, не изостана ни ладното предјадење, зимската штица (пинџур, ајвар, чварки, пиперка во павлака, пршута, брускети), со оглед дека календарски длабоко сме навлезени во ноември, па сакаме да вкусиме и од нашата традиционална македонска зимница.
Мезето полека го доведувавме при крај муабетејќи на разни теми со познајниците што ги затекнавме овде.
По предлог на домаќините, главното јадење – телешка кременадла (кое впрочем е новитет во кафената), ни го донесоа со црвено вино на „Бовин“ - „Александар“, кое е спој на „мерло“, „каберне совињон“ и „вранец“. Бојата му е интензивна виолетова, а вкусот од црвено овошје и бобинки ја дава прекрасната богата арома, токму како што ѝ му прилега на ова јадење.
Неможевме а да не пробаме ќебап кој е белег на Идадија.
Десертот е задолжителен – баклава. Не можеш да ѝ одолееш. Сочна и мирислива, а доволно блага за душата да ти ја разгали.
Едно е сигурно – сите сакаме добра храна! И тоа отсекогаш било инспирација за најголемите готвачи во светот - да ги задоволат вкусовите и на најпребирливите!