Ресторан во кој имаш чувство како да си на светски настан
Дистрикт Бар и Ресторан
Во секоја метропола има места кои се беспрекорни во секој поглед, нудат одлични оброци подготвени со љубов од светски познати шефови, атмосфера која ти буди позитивна енергија и чувство дека местото работи само за тебе и сите тебе ти се наклонети и место на кое ќе имаш моменти за паметење. Едно такво место, лоцирано на самиот плоштад Македонија, во строгиот центар на Скопје, кое е во склоп на престижниот хотел „Мериот“, е „Дистрикт бар и ресторан“, каде што ќе се почувствувате навистина светски со феноменален амбиент, кој ќе ве одведе во некоја друга димензија... Секоја ситница, секој детаљ, секој агол, сè во него е избрано со вкус и со особено внимание и одлично се надополнува и го прави овој ресторан препознатлив и исклучителен по многу нешта. Можноста за трансформација од денска кафетерија во бар со екстра коктели со експлозивни вкусови, па до ресторан со специјалитети со македонско, медитеранско и источноевропско влијание, приготвени од рацете на врвни кулинари, прави и вие за миг да помислите дека сте дел од некој светски настан со славни личности. Персоналот во секое време е расположен и подготвен да ви излезе во пресрет на сите ваши барања и желби и да се почувстувате во центарот на вниманието.
Така, и менито е нешто од кое ви запира здивот, богата понуда, специјалитети што само овде може да ги вкусите и долго да се сеќавате на нив. Нашето кулинарско патување овој пат ни почна со вагу говедско карпачо со капери-семе од синап и масло од тартуф. Овој одличен спој на вкусови уште на првиот залак ви дава непроценливо чувство на богата текстура, од која ви навира дополнително количество плунка и желба за посегнете по уште.
По вакво карпачо, се запрашавме дали е потребно да нарачуваме воопшто нешто друго!? Сакавме тој вкус да го зачуваме во устата малку подолго. Но, љубезниот шеф на кујната ни препорача еден карактеристичен специјалитет како предјадење - туна тартар со васаби мајонез и крцкави црни алги. Самото име ветуваше многу и не се излажавме. Од начинот на кој беа сервирани, до самиот изглед, па сè до вкусот - неверојатно добро приготвени и со уште поневеројатен вкус. Само треба да се проба, навистина. Појдете, нарачајте го со чаша бело сортно македонско вино и нема за зажалите, чувството е возвишено.
Печурки има во речиси сите ресторани, и тоа приготвени на разни начини, но ова што овде го вкусивме - е тоа е нешто посебно и го има само тука. Приготвени на 3 начини – пржен вргаџ, пена од вргаџ и вргаџ во прав. На прв поглед ќе помислите дека не сте се разбрале добро, ви носат некој десерт! Вкус, декорација, подготовка - чиста 10. Иста печурка, но секоја од подготовките дава посебен вкус и го надополнува претходниот. Перфектна комбинација која ни најпребирливите нема да ги остави рамнодушни.
Стасавме и до главното јадење и веќе не ни помислувавме дека нема да биде совршено. Уште посмела комбинација, играње со спротивставени продукти и вкусови, а сепак одлично вклопени, мислиш создадени еден за друг. Неговото величество – свинско филе со карамел сос и џигер од патка. Не, нема потреба да го доловуваме вкусот, нема да биде оригинално онака како што всушност ние го доживеавме и не може да биде. Ова е единствен вкус, мора да се проба!
Наздравиме со сортно македонско вино и останавме уште долго да уживаме во спојот на добрата храна, величествениот амбиент, дискретниот персонал, тивката музика што одеше во заднина и релаксираниот муабет на кој му немаше крај.
Наша приказна, наше место, наш град... а како од бајките.